Карцином на дебело црево

Печати
Категорија: Социјална Медицина Објавено на Среда, 02 Април 2014
Share

Карциномот на дебело црево по застапеност во туморите на системот за варење е веднаш по карциномот на желудник. Бројот на заболени од овој вид на карцином во последниве години е во постојан пораст. Неговата застапеност расте со староста на пациентите, особено после педесеттата година од животот. Од него подеднакво оболуваат и мажите и жените со поголема застапеност кај машкиот пол.

 

Симптомите од оваа болест често се јавуваат во подоцнежните стадиуми на болеста, те. кога веќе болеста влегла во понапредната фаза .

Најчести симптоми на оваа болест се крварење од дебелото црево, болки во стомакот, промена во празнењето на цревата (запек и течни столици) и појава на анемија(слабокрвност) кај заболеното лице.Секоја појава на крвава столица или појава на анемија кај лица над педесетгодишна возраст треба да биде знак за лекарот да испита дали лицето е заболено од оваа болест. Во ризична група на болни спаѓаат и оние лица кои во најблиската фамилија имаат болни од оваа болест или друг вид на малигно заболување.

Податоци укажуваат дека голема улога во настанувањето на оваа болест игра исхраната богата со заситени животински масти, конзерванси и адитиви кои се користат во прехрамбената индустрија при преработка на намирниците. Особено е важно да се ограничи внесот на црвено месо и негови преработки. Пушењето исто така допринесува за појавата на оваа болест како и недоволната физичка активност и прекумерната телесна тежина.

Како мерки на превенција од оваа болест се : исхрана богата со влакна од растително потекло, овошје и зеленчук, житарици со полно зрно, мешункасти растенија, риба особено богата со незаситени масни киселини (сардини, туна, лосос), намален внес на црвено месо и негови преработки во исхраната, престанок со пушење и зголемена физичка активност.

 Во мерките за превенција од оваа болест спаѓа и тн. скрининг на окултно крварење во столицата . Овој скрининг се врши во нашиот Центар за јавно здравје во одделението за микробиологија со паразитологија. Целта на овој скрининг е да се открие правовремено заболувањето кај лица во најраната фаза од заболувањето како би се реагирало навреме. Скринингот е неинвазивен и при позитивен наод од тестирањето пациентот се испраќа на дополнителни испитувања со цел да се докаже или отфрли сомневањето за постоење на малигна болест. Скрининг тестот се врши во нашиот центар веќе неколку години наназад и е бесплатен. Очекуваме и во текот на 2014 да  продолжи оваа акција се со цел да му се помогне на населението да се справи со оваа опака болест. 

Share
Посети: 2395

ЈЗУ Центар за Јавно Здравје - Тетово
Copyright © 2012