Хеморагичната треска со бубрежен синдром (ХТБС) припаѓа на групата на хеморагични трески во која се

вбројуваат и Конго-кримската хеморагична треска, жолта треска, денга и слично. Сепак, според една карактеристика е многу различна од другите болести во оваа група – не постои пренос од човек на човек. Резервоарот на инфекцијата е полски глушец, а вирусот се пренесува на луѓето преку изложеност на телесни течности или излачувања или во директен контакт со глувци. Вирусот се излачува во животната средина преку урина, измет и плунка на заразените глувци кои немаат никави симптоми на болеста. Човекот може да се зарази преку директен контакт со секретите од глувци, преку оштетена кожа или слузокожа на очи, уста, нос, конзумирање на загадена храна или вода, како и вдишување на прашина која содржи суви излачевини. Инфекцијата се јавува само при свежа контаминација на околината со излачевини од глувците кои го содржат вирусот. Периодот на инкубација, односно времето што поминува од моментот на инфекција до почетокот на болеста се движи од неколку дена до речиси два месеци, обично две до четири недели. Болеста се карактеризира со висока температура, малаксаност, гадење, повраќање, крварења по кожата, слузокожата, внатрешните органи и oштетување на бубрезите. Смртноста од болеста е помеѓу 0,5 и 15%. ХТБС е распространета низ целиот свет. Притоа, во различни делови од светот превалираат различни вируси, предизвикувачи на оваа болест. Вирусот Haantaаn е широко распространет во источна Азија, особено во Кина, Русија и Кореја. Вирусот Puumala се наоѓа во Скандинавија, западна Европа и западна Русија. Вирусот BelgradeDobrava се наоѓа првенствено на Балканот, а вирусот Seoul се наоѓа во целиот свет. Saaremaa се наоѓа во централна Европа и Скандинавија. Во Република Македонија, хеморагичната треска со бубрежен синдром подлежи на задолжително пријавување од 2004 година. Во 2009 и во 2016 година се пријавени по еден случај од ова заболување, а во текот на 2017 година, потврдени се 5 случаи. Во Европа во текот на 2017 се забележува зголемување на бројот на случаи во Австрија, БиХ, Хрватска, Франција, Германија, Луксембург, Словенија, Словачка, Албанија и Турција. Болеста има сезонски карактер, најголем број на случаи се регистрираат во пролет, почеток на летото и есента, кога повеќе луѓе престојуваат на отворено. Човекот е изложен на можност за заразување при работа во градина, на поле, во шума или при рекреативни активности на отворено, како кампување, излети, пливање во диви капалишта и слично.

Превенција Постојат два начини на превенција – уништување/намалување на бројот на глодари преку спроведување на дератизација и намалување на можноста за контакт со дивите глодари и нивните излачевини. • Уништување на глодарите се врши под надзор на стручни служби во и околу населените места во близина на жариштата, преку поставување на мамци каде најчесто се забележани глувците (штали, амбари со жито, подруми). • Со цел да се намали потенцијалната изложеност на резервоари на инфекција, потребно е да се избегне престојување во природните жаришта, на места со бујна вегетација на грмушките каде се размножуваат глодарите. Од суштинско значење е храната и водата за пиење да се чуваат во соодветни услови за да се спречи пристапот на глодари, особено за време на престој во поле, шума, при пикник. • Потребно е да се избегне директно лежење на земја, особено ако на теренот е забележано присуство на глодари. • Површините кои се контаминирани со глодари и нивни излачувања прво треба да се испрскаат со средство за дезинфекција (пр. варикина) и да не се чисти со метла или правосмукање (да се избегне дигање на прашина!), туку употреба на влажни крпи натопени со средство за дезинфекција. • При извршување на работи на терен при кои се подига прашина, треба да се стави маска преку носот и устата. • Доколку по поминато време на отворено се јават знаци или симптоми типични за болеста, потребно е итно да побарате медицинска помош и да се јавите кај вашиот лекар за навремено лекување.

Leave a Comment