1 Октомври се одбележува како Светски ден на старите лица, ден кој нè потсетува на значењето на почитта, грижата и вклученоста на повозрасните лица во семејниот и општествениот живот.

Стареењето е природен процес во животот и не треба нужно да се поврзува со болест или неспособност. Многу повозрасни лица остануваат активни и самостојни и даваат значаен придонес во семејството и заедницата како негуватели, волонтери и пренесувачи на знаење и искуство.

Со зголемувањето на животниот век и бројот на повозрасни лица, се зголемува и потребата од квалитетна здравствена заштита, превенција и управување со хроничните заболувања, социјална поддршка и создавање услови за што поактивен и посамостоен живот.

Инвестирањето во здравјето во текот на целиот живот придонесува за подобар квалитет на живот и во повозрасна возраст. Општество кое се грижи за старите лица и го вреднува нивниот придонес е посолидарно и посилно општество.

Заедно да промовираме здраво, активно и достоинствено стареење.