До 2035 година, се очекува половина од светската популација – околу 4 милијарди луѓе -да живее со прекумерна тежина или дебелина.

Ова не е само проблем на возрасните.

Дебелината кај децата брзо расте, а стапките кај децата на училишна возраст се зголемуваат речиси петкратно од 1975 година, особено во земјите со ниски и средни приходи.

Дебелината во детството често продолжува и во зрелоста, зголемувајќи го ризикот од сериозни незаразни болести како што се дијабетес, срцеви заболувања и некои видови на рак. Сиромаштијата, стигмата, нееднаквиот пристап до образование и здравствена заштита, ограничената достапност до здрава храна и средини кои не поддржуваат здрав живот, сите тие влијаат врз ризикот и резултатите во текот на животот.

Речиси 3 милијарди луѓе, вклучувајќи над 400 милиони деца на училишна возраст, веќе живеат со прекумерна тежина или дебелина – бројка за која се предвидува да достигне 4 милијарди до 2035 година.

Наодите од студијата на Европска иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI) покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата од 6 до 9 – годишна возраст во Македонија.

Телесна тежина

31,2% од децата имаат зголемена телесна тежина, а 13,7% од нив живеат со дебелина – што е над просекот на Eвропскиот регион, 25% и 11%, соодветно.

Зголемената телесна тежина и дебелината е почеста кај момчињата во споредба со девојчињата.

Навики во исхраната

Само 25% од децата секојдневно јадат свежо овошје – ова е најниската дневна консумација на овошје во целиот Европски регион.

20% консумираат свеж зеленчук секој ден – што, исто така, е меѓу најниските нивоа во Европа.

Солени грицки консумираат 40% од децата – најмногу во однос на државите вклучени во COSI студијата во Европскиот регион.

Повеќе од половина (51%) од децата редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена во неделата.

Физичка активност

40% од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани (телевизија или електронски уреди).

63,3% од децата пешачат или возат велосипед до училиште; кај оние што живеат на растојание до 2 km, оваа навика ја практикуваат дури 89%.

94% од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет.

48,2% активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно.

Големо мнозинство, 88,6%, спијат најмалку 9 часа навечер.

Социјални фактори и перцепција на родителите

Децата со зголемена телесна тежина и дебелина живеат во семејства чиишто родители имаат низок или среден степен на формално образование.

Децата кои практикуваат навики коишто поддржуваат здравје живееле со родители коишто имале повисок степен на образование.

Постои ниска свесност кај родителите за препознавање на зголемената телесна тежина и дебелината кај нивните деца. За повеќе од половина од децата коишто живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите перципирале дека телесната тежина на нивните деца е во препорачани граници на „нормална телесна тежина“

Дебелината како проблем треба да се разбере, а не да се стигматизира. Со давање приоритет на превенцијата од најраните години и обезбедување на еднаков пристап до здравствена грижа, можеме да ја промениме оваа состојба.

Светскиот ден на дебелината 2026 година е повик за акција за секој еден од нас.

Заедно, можеме да ја промениме приказната за дебелината.