Центарот за јавно здравје – Тетово, во соработка со Одделението за епидемиологија, ве информира дека е донесена одлука за прогласување на епидемија на гастроинтестинално заболување на територијата на Општина Гостивар, како резултат на зголемениот број на пријавени случаи во изминатите денови.

Оваа одлука ќе овозможи побрза и поефикасна реакција на терен, подобра координација меѓу надлежните институции и преземање на неопходните мерки за идентификација на изворот на инфекцијата, спречување на понатамошното ширење и заштита на здравјето на граѓаните.

Апелираме да ги почитувате препораките на здравствените институции, да одржувате високо ниво на лична хигиена, да користите само безбедна вода за пиење и при појава на симптоми како дијареа, повраќање, температура или болки во стомакот, навремено да се обратите во најблиската здравствена установа.

Ги замолуваме сите пациенти кои имаат симптоми да соработуваат со здравствените екипи, да ги почитуваат понатамошните медицински препораки, да ја пополнат епидемиолошката анкета и да ги направат анализите препорачани од страна на лекарите специјалисти. Оваа соработка е од особено значење за побрзо утврдување на причинителот и поефикасно решавање на состојбата.

Центарот за јавно здравје – Тетово ќе продолжи со континуирано следење на состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови случувања.