Во организација на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, во рамките на насоките, препораките и стратешката рамка на Светската здравствена организација (СЗО/WHO), се одржа работилница посветена на есенцијалните јавно-здравствени функции (Essential Public Health Functions – EPHFs).

Работилницата имаше за цел унапредување на системот за јавно здравје, зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на координацијата помеѓу здравствените институции, во согласност со меѓународните принципи и стандарди на СЗО.

Во текот на работилницата беа разгледани клучните приоритети и предизвици во спроведувањето на есенцијалните јавно-здравствени функции, со посебен акцент на следењето на здравствената состојба на населението, епидемиолошкиот надзор, превенцијата и контролата на заразните заболувања, промоцијата на здравјето, здравствената заштита на населението, како и подготвеноста и одговорот при јавно-здравствени ризици и кризни состојби.

Посебно внимание беше посветено на улогата на центрите за јавно здравје како клучни институции во спроведувањето на превентивните активности, епидемиолошкиот и санитарниот надзор, микробиолошката лабораториска дијагностика и проценката на ризиците по здравјето на населението.

Учеството на вакви работилници претставува значаен придонес кон размената на стручни искуства, унапредувањето на професионалните компетенции и зајакнувањето на системот за јавно здравје, преку следење на рамките и препораките на Светската здравствена организација.

Јавното здравје е заедничка одговорност, а превенцијата е темел на здраво општество.